Стојко Стојков, Копретседател на ОМО „Илинден” - ПИРИН

9 април, 2008

Македонците во Бугарија ОМО „Илинден” - ПИРИН се појавува во текот на 1997 година со обединување на две од трите најголеми организации на Македонците во Бугарија. Официјално е основана во февруари 1998 година, а по многу перипетии во 1999 одина е регистрирана како политичка партија. Истата година учествува успешно на локалните избори во Бугарија. Забранета е од уставниот суд на Бугарија со изговор дека претставува опасност за националната безбедност на Бугарија и единството на нацијата. Заради оваа забрана во 2005 година Европскиот суд за човекови права ја осуди бугарската држава. Во јуни, наредната година, партијата е возобновена при што во неа влегуваат партијата ОМО ПИРИН, организацијата ВМРО ТМРО (независна) „Илинден”, Христијанско македонско братсво „Св. пророк Илија” и Друштво на помаците „Сонце”. Истата година станува членка-кандидат на Европската слободна алијанса – европска парламентарна партија, а од 2007 година и редовен член.

Господине Стојков, кои се заложбите и насоките на дејствување на ОМО Илинден?
ОМО „Илинден” - ПИРИН е граѓанска партија на бугарски државјани што меѓу своите главни цели си поставуваат заштита на правата на Македонците во Бугарија. Денес, таа е единствена таква партија во Бугарија. Се бориме за демократизација и европеизација на земјата, создавање одговорно граѓанско општество, во кое различноста ќе биде не само толерирана, но и прифаќана, како нешто природно и добро. Признавањето на македонското малцинство и давање на сите права предвидени во меѓународните документи за малцинствата е тоа што бараме од властите за припадниците на македонското малцинство. Работиме да ги популаризираме фактите околу македонското малцинство во бугарското општество но и во странство, да го привлечеме вниманието на одговорните институции и заинтересираните фактори кон постојните проблеми, нудејќи и начини за нивно решавање. Се стремиме да воспоставиме дијалоги соработка со институциите. Работиме со медиумите за да биде надминат невистинитиот и погрден образ кој е создаден за Македонците во Бугарија од страна наационалистички структури. Сакаме да дадеме можност на Македонците во Бугарија политички и културно да се изразат себеси, да имаат свој политички заштитник, да го најдат своето место во Бугарија, да можат да се интегрираат во бугарското општетсво како рамноправни учесници, без потреба да ја кријат својата национална припадност. Се залагаме за што побрза евроинтеграција на целиот Балкански Полуостров, отстранување на границите, изградба на просперитетно демократско општество. Воспоставувањето на пријателски односи меѓу Бугарија и Македонија засновани на заемна почит, признавање на разликите и прифаќање на сличностите. Тешкиот товар на балканското минато треба да биде оставен во минатото. Не треба да се дозволува национални митови да дирижираат со политиката, како што, на пример, гледаме во спорот што Република Грција го започна против Република Македонија. Користиме исклучително мирни, демократски, законски средства на работење.

Како ќе завршат настојувањата да се влезе во бугарскиот парламент?
Ќе видиме. Прво, нека бидеме регистрирани. Бугарскиот парламент има потреба во него да се чуе и збор во корист на Македонците, и автентичен македонски глас.

Како да се разреши проблемот со таканаречените борци за бугарската кауза (Каракачанов, Димитров...)?
Проблемот е нивен. Тие треба да си го решат. Бугарскиот народ не го заслужува понижувањето што му го прават вакви самоповикани „борци”. Ниту, пак, нивната кауза е кауза на бугарскиот народ. Ние како партија со такви луѓе не се занимаваме ни најмалку. Знаеме дека тие се само симптом, последица од постојната политика, а коренот е на друго место. Тогаш, кога лагата ќе стане очевидна, кога Македонците ќе се афирмираат како постоење, култура и позитивен фактор во Бугарија, тогаш такви како нив ќе станат смешни за народот и непотребни за нивните работодавачи. Кога професијата патриот ќе престане да биде лесен начин за вадење пари и живеење во Бугарија, тогаш џабелебарите ќе побараат друг начин да живеат на туѓ грб и ќе ги остават Македонците на мира. Сепак треба да сфатиме дека некои од нив немаат друг излез, тие се одамна обврзани од тоталитарните служби за безбедност и дека национализмот е нивно последно засолниште. Да сфатиме велам, не да оправдаме. За да не фрламе вода на чадот, туку на вистинскиот оган.

Што треба да се очекува од Република Македонија за разрешување на проблемите на Македонците во Бугарија?
Јас како Македонец во Бугарија не очекувам од Македонија да ги решава нашите проблеми. Од името на ОМО „Илинден” - ПИРИН, пак, можам да го кажам следното: Ние сме партија во Република Бугарија и Европската унија, граѓани на овие земји, ним им плаќаме даноци и очекуваме и инсистираме имено тие да ги решат нашите проблеми. Македонија треба да ги решава своите проблеми, а тие не се малку. Ако таа сака на некаков начин да им помогне на македонските заедници по светот најдобриот начин е да стане просперитетна и почитувана земја, со која Македонците ќе се гордеат. Да инвестира повеќе во културата, бидејќи таа е темел на идентитетот, таа не поврзува и афирмира.

Има ли оптимизам конечно да се докаже постоењето на македонскиот народ во Бугарија?
Не треба да се докажува постоењето на македонско малцинство во Бугарија. Тоа е очигледен факт. Ние не се бориме да докажеме нешто некому, ние се бориме реалноста да биде прифатена. Негираат само оние што не сакаат да постојат Македонци ниту како малцинство во Бугарија, ниту како нација, воопшто. За жал, тоа с$ уште е државен став во Бугарија. Властите не можат да одречат дека илјадници бугарски државјани на сите пописи се декларираат како Македонци, но се трудат тоа да го заобиколат со тврдења дека самоопределувањето не било доволно да се признае малцинство, требало да има објективни критериуми како различен јазик, култура итн., а такви во случајот, наводно, немало, односно тие тврдат дека нема посебни македонски јазик и култура. На националистичките кругови што владеат во Бугарија самото барање за признавање на македонско малцинство им изгледа како барање да се признае македонската нација во целина. Затоа така остро реагират на нашата активност. Македонците во Бугарија се жртва на официјалното негирање на македонската нација од страна на Бугарија. Тогаш кога оваа апсурдна националистичка позиција ќе биде изоставена, ќе биде признаено и македонското малцинство. Двата проблема се тесно поврзани. А на Македонците во Бугарија тоа признание им е потребно не затоа што тие без него не можат да живеат, туку заради правата кои доаѓаат со признавањето на малцинството и кои ќе им обезбедат зачувување и негување на македонскиот идентитет.

Според Вас, како ќе изгледа Балканот без граници?
Балканот без граници ќе биде таков каков сите ние ќе го направиме. Во секој случај, верувам дека ќе изгледа подобро отколку вчера и денес.

     
MainAbout UsNewsActivitiesDocumentsPhoto GalleryMediaContactLinks
© 1999-2009 OMO "Ilinden" - PIRIN, All Rights Reserved.
This website is under development by: TJ-Hosting