ИНТЕРВЈУ Нова Македонија

11 фебруари, 2010

Stojko StojkovВеднаш по абсурдната одлука на Комитетот на министрите повеќе медии побараа мислење од ПИРИН. Овде објавуваме едно дадено за „Нова Македонија“ и објавено во неа во малку скратена форма. Овде го даваме во целина.

Г-не Стојков, кои се последните случувања поврзани со ОМО „Илинден“-ПИРИН?
Комитетот на министри на својата последна седница на 1 декември 2009 г. го затвори мониторингот врз изполнувањето на пресудата на Судот за човекови права во однос на забраната на нашата партија. Останатото си е исто – Бугарија продолжува да се преправа дека не постоиме – ние пак продолжуваме да постоиме и да дејствуваме.

Како се случи Комитетот на министрите да не дозволи да се спроведат пресудите на Судот за човекови права?
Тоа стана по тригодишна битка при што од една страна беше нашата партија, а од другата Р Бугарија со сите средства кои и стојат на располагање на една држава и со привилегиите на земја членка на Европската унија. Само правдата не беше на нејзина страна и имено тоа го попречуваше затварањето на случајот. До јуни 2009 г. се одеше во наша корист и сите одлуки на Комитетот на министрите беа помалку или повеќе во наша корист. Бугарија мораше да се повлече од повеќе свои првични ставови. Например на почетокот таа тврдеше дека пресудата не ја обврзува да ни даде регистрација, туку само да плати парична казна. Потоа прифати дека сепак пресудата предвидува и регистрација, но бараше тоа да станело без таа да се ангажира со укинување на забраната и не по автоматизам, туку според новите услови на ригорозниот закон за политичките партии. Во 2007 г. влезе дури во спогодба со нас под туторството на Комитетот во однос на нашата регистрација, но не ги исполни своите обврски и пак бевме одбиени од судот. Тогаш се оправда со тоа дека наводно судот во Бугарија е независен. Сега стигна дотаму да ветува дека нема да има пречки за нашата регистрација, заборавајки на претходното тврдење дека судот е независен и извршната власт не би требало да ветува од името на судската. Во 2008 г. дури и течеше кампанија дирижирана од претседателот Прванов да се направи законот уште поригорозен. Имено нашите остри реакции го привлекоа вниманието на меѓународниот фактор и доведе до тоа наместо законот да стане поригорозен всушност да стане поблаг – се намали бројката необходни за регистрација членови од 5 000 на 2500. Овој позитивен тренд беше неочекувано прекинат со одлуката на комитетот во јуни со која нашиот случај беше ставен во процедура на затварање. Ние остро реагиравме и со писма и со посета на наша делегација и накрајот со протест на наши членови во Страсбург. Резултатот беше што дискусијата беше одложена за декември. Се покажа дека одложувањето имало само за цел да се причека попогодна атмосфера за затварањето.

Има ли правна основа за ваквата одлука?
Не. Затварањето на случајот нема ништо општо со правото. Имаме една регистррана партија чија регистрација е одземена, Потоа Судот за човекови права пресудува дека одземањето на регистрацијата претставува прекршок на Конвенцијата. Регистрацијата не е вратена. Имаме и став на Комитетот од февруари 2007 г. дека извршување на пресудата има кога имаме реституто интегрум, односно враќање на претходната состојба. Како што гледаме затварањето на нашиот случај е во противречност не само со правото, но и со претходните ставови на истиот тој Комитет. Таа е во противречност и со позицијата на други тела на Советот на Европа какви што се ПАСЕ и Комесарот за човекови права Томас Хамерберг. При последната наша средба во Софија во почетокот на ноември комесарот изрази чудење како воопшто може да се предлага затварање на нашиот случај..
Комитетот на министрите ја оправдува својата одлука со наводната добра волја на Р Бугарија изразена во усна декларација на нејзиниот претставник во тоа тело како и со фактот дека бројката неопходни за регистрација членови е намалена. При средбата што ја имавме со претставници на тој Комитет во септември ние им појаснивме пак дека намалувањето на членовите за регистрација, колку и пофално да е само по себе, нема врска со тоа што се случува со нашата партија бидејки ние бевме одбивани од регистрација не поради немање членови (напротив собравме близу 6 000) туку со секакви формални измислици. Посочивме исто така дека одност на бугарските власти многу подобро се покажува во делата отколку во празни зборови. Пример за тоа каква е „добрата волја“ на бугарските судови е одбивањето на две друштва да бидат регистрирани оваа година при што сосема јавно се посочува дека причината е што тие се застапуваат за правата на македонското малцинство во Бугарија. Е, добро, кога невладини организации за кои законот бара 6 членови не можат да се регистрираат каква корист од намалувањето на бројката членови на 2500? И како кореспондира со декларираната добра волја фактот што скоро сите наши членови минаа низ полициските станици во последните години. Имаше три акции на викање при што последната беше во 2008 г. Претставниците на Комитетот останаа без аргументи и зборови, како да ја оправдат својата одлука, но очигледно не си го промениле ниту ставот.
А сето тоа значи дека одлуката е политичка и би рекол бирократска. Вистината е дека ова тело нема инструменти и моќ да натера една своја членка да ги исполнува неговите решенија. Единствено се смета на добарата волја и чувството на срам кај соодветната земја. Но во случајот со Бугарија нито едното од двете не постои. Мислам дека Комитетот сака да се ослободи од нашиот случај бидејќи нема сила да го реши а не сака да ја признае својата немоќ. Затоа се преправат дека проблемот е решен.

Како Бугарија сега се однесува кон партијата? Кои од пресудите ги почитува, а кои ги игнорира?
Рано е да кажеме дали ќе има промена на односот на бугарските власти кон нас по ова. Но досегашното изкуство не учи дека секој таков акт ги охрабрува бугарските власти да ја засилуваат дискриминацијата. Всушност тоталитарните инстинкти се толку длабоко вкоренети, што дури и само намалувањето на притисокот од страна на Европа е доволно за да се вратат бугарските власти кон некои свои тоталитарни практики. Така се случи со затварањето на пресудите од 2001 г. за нарушување правото на мирни собирања. Додека траеше мониторингот властите внимаваа. Веднаш потоа пак започнаа забраните. Но моето мислење е дека овој пат бугарските власти ќе внимаваат повеќе бидејќи знаат дека наскоро пак ќе се набљудуваат во Комитетот на министрите нови пресуди против нив а во наша корист. Тие едноставно сакаа да не се соберат на едно место претходната неизвршена пресуда со новите пресуди. Затоа и толку очјнички лобираа во Страсбург.

Дали ОМО „Илинден“ - Пирин би ја повторила постапката за регистрација на партијата?
Би биле достојни за својата несреќа ако го прифатиме циничниот совет на Комитетот на министрите да ја почетвртиме постапката за регистрација, или пак ако поверуваме во „добрата волја“ на бугарските власти. Наместо тоа ќе се бориме незаконските одбивања да бидеме регистрирани да бидат ревизирани и да се донесе правична одлука – регистрација. Тоа ќе го правиме на база на новите пресуди на Судот за човекови права кои ги очекуваме во 2010 г. Овој пат сме побарале судот директно да се изјасни за начинот на кој да биде исполнета пресудата. Притоа сега имаме една поволна околност – одбивањата да бидеме регистрирани се направени од Врховниот суд на Бугарија, а не како во случајот со забраната – од Уставниот суд. И додека согласно „демократските“ правила што важат во Бугарија ѓраѓаните не можат да му се обраќаат на уставниот суд, тогаш во однос на Врховниот тоа не е така. Дури законски е предвидено дека при пресуда од Судот за човекови права сутската постапка може да се повтори. Всушност многу скоро истиот тој Комитет кој така брзаше да се солободи од нас, ќе има пред себе на разгледување нови пресуди по истиот случај.

Кои се Вашите следни чекори?
Во очекување на пресудите од Судот за човекови права ќе продолжиме со редовните активности – организирање, пропагирање, со тестирање на бугарските власти и нивното почитување на човековите права. Тоа е еден од основните елементи во нашата политика – им даваме можност на нашите власти да ги докажат своите тврдења дека ги почитуваат нашите права, да докажат дека се демократски. Не е наша вината што тие досега секој пат паѓале на таквите тестови.
Крајно време е властите во Бугарија да сфатат дека нивната политика нема иднина и дека попусто ги трошат парите на бугарските државјани за да дискриминираат други бугарски државјани. Наместо да фрлаат толку напор да ги прикриваат своите престапи најдобро е да престанат да прават такви. Ние не сме им непријатели. Македонското малцинство нема да изчезне по нивна желба и порано или подоцна ќе мораат да се сообразат и со законите и со реалноста. Подобро и за нив и за нас е тоа да биде поскоро.

Врати се назад   Врати се горе
MainAbout UsNewsActivitiesDocumentsPhoto GalleryMediaContactLinks
© 1999-2009 OMO "Ilinden" - PIRIN, All Rights Reserved.
This website is under development by: TJ-Hosting