СТОЈКО СТОЈКОВ: ПОЛИТИКА БЕЗ СРЦЕ И УМ

13 јули, 2019

Read this page in English

Едно од прашањата што долго ме имаат измачувано и како Македонец од Пиринска Македонија, и како активист во движењето за права на Македонците во Бугарија е зошто сите земји на Балканот се грижат за своите малцинства надвор од нивните граници, а само Македонија – не! Дали е тоа некоја нејзина уникатна државничка карактеристика? Од каде извира ова тотално немање желба –да се погрижиш, или дури само вербално да се застапиш за своите сонародници зад граница? Дали отсуството на сочувство и солидарност е можеби уникатна национална македонска црта?!

Од осамостојувањето досега Р Македонија го нема подигнато официјално прашањето за македонските малцинства во Бугарија и Грција. А не дека нема потреба – има и уште како! Бугарија официјално го негира постоењето на македонското малцинство, ги третира неговите припадници како потенцијални непријатели и како национални предавници, ги дискриминира, ги асимилира …. Грција во тоа е само едно искривено бугарско огледало. Барем од срам или куртоазија да се подигнеше еднаш тоа прашање од некоја македонска влада!

Но ајде да ги оставиме настрана Македонците во Бугарија и Грција – нив кучиња ги јале, ако сакаат права да си се борат сами, никој ништо не им е должен, нели (сум ги слушал овие работи од разни …). Но како е можно една држава, која е независна веќе трета деценија, да не може да го лоцира најдиректниот предизвик пред себе и пред својот развој, дури и кога истиот грубо и отворено ѝ се наметнува?!? А тоа се имено грчката и бугарската националистички државни доктрини, за кои Македонија како македонска национална држава и македонската нација со сите нејзини атрибути се целосно неприфатливи! И тоа не е (како што за чудо изгледа четвртина век си мислеа мнозинството македонски политичари) израз само на некакви реторички претерувања, празни фантазии на радикални поединци, внатрешен популизам и евтино фалбаџиство кај соседите, недостојни за возвишеното внимание на Скопје. Тоа е државен консензус и позиција од која никој Грција и Бугарија и не помислува да отстапи; доктрини кои креираат политики со сосема практични последици за Македонија: економско ембарго од Грција, проблемите пред влегувањето во ООН, блокадата пред потпишување меѓудржавни договори од бугарска страна, блокадата пред членството во НАТО и ЕУ, заканите, уцените… Тоа што овие доктрини и нивните политики се назадни, апсурдни, дури идиотски – ни најмалку не ги прави нереални, а ниту може да служи како некое извинување за македонските политичари, што упорно не сакаат да изработат контра-мерки и стратегија против нив. Географијата е немилосрдна – државата не може да избега од своите соседи, така што мора некако да се соочи со лудилото кое некои од нив го продуцираат.

Негирањето и асимилацијата на македонските малцинства е дел од истиот проблем, неговото прво скалило.

Што спротивстави Македонија на овој апсурд?

Молчење – за дискриминацијата и асимилацијата на своите зад граница.

Добра волја. Наспроти луѓе кои не сакаат да имаме своја волја!

Стремеж да не ги налути (повеќе?!) комшиите. Па тие се лути дури и само од тоа што македонската нација постои и има држава.

Закопување главата во земја со вера дека времето, Европа, баба Рога или некој друг ќе ги реши проблемите? Демек ќе се застапат за своите и за себе, кога веќе нема да има потреба бидејќи проблемите друг ќе им ги има решено. Колку паметно, благородно и храбро! Колку реалистички исто така. И глупаво: зашто дури и некој да ги реши проблемите, каква причина би имале да верувате дека тоа би било во ваша корист, кога самите со прст не сте мрднале? Како да се заборавени зборовите на Јане Сандански дека Македонците „треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош, зашто оние што би дошле да ги ослободуваат, всушност ќе дојдат да ги поробат.” 100 години историја од која ништо не е научено...

Дали веруваа дека кога ќе видат дека им се попушта соседите ќе се засрамат и ќе запрат да бараат повеќе? Та кој во историјата воопшто има реагирано така! Или пак дека ако им ги предадат своите малцинства ќе ги заситат? Да го скротат монструмот на соседскиот антимакедонизам хранејќи го со делови од своето тело?

Тоа беше и е македонската „стратегија“ наспроти идеолошката и политичка агресија од исток и југ. Затоа Република Македонија стигна до каде што е сега. Времето не работи за вас кога вие не работите за себе! Колку повеќе се бездејствуваше, толку подрско дејствуваа негаторите на македонската нација; колку повеќе беше Македонија попустлива, толку повеќе тие се настрвуваа и бараа...

И природно! Што значи да демонстрираш добра волја, желба за изнаоѓање заемно прифатливо решение, кооперативност и конструктивност спрема некого што сака да те силува? Само испраќаш јасен сигнал дека си подготвен на сѐ само мир да е. Дека за тебе нема ништо свето, нема вредност за која да си готов да се бориш, да страдаш. Дека немаш достоинство. Зошто некој би ве бранел ако сам не се браните? Зарад вашата наивна вера во некаков справедлив меѓународен фактор? Па никогаш не криеле европските политичари (барем при моите контакти со некои од нив), дека работат по принципот: нема конфликт – нема проблем. Та на крај ако се кандисате да ве силуваат – тоа и веќе не е силување, туку билатерален однос, добрососедство, израз на зрелост, акт на љубов… Што ќе им биде на големите сили ако Македонците се претворат во нација без држава или Македонија во држава проститука – ништо. Особено ако и на Македонците не им е гајле.

Кога прифаќате да преговарате за своето силување, тогаш прашањето повеќе не е дали, туку како и колку ќе ве силуваат. Ако прифатите да преговарате по прашањето дали сте човек, секој компромис ќе ја вклучува вашата дехуманизација.

А токму кон тоа се стремат Атина и Софија: разглобување до целосно демолирање на македонската нација и денационализирање на државата Македонија. Прво Македонија останува без малцинства надвор, потоа, станува не-национална држава со географски предзнак, понатаму Македонците ги губат институциите, кои не смеат да бидат национални, потоа се руши митот кој ја обединува македонската нација. На крајот се реализира бугарската политичка максима: „Македонија во Европа да – македонизмот – не.“ Како во некој кошмарен сон времето се враќа назад: поделеноста на Македонија од Балканските и Првата светска војна ќе биде надмината во Европската унија, но цената ќе биде и Македонците да се вратат во ситуацијата од пред 1912 во времето кога уште се немаа конституирано како нација, во времето на Егзархијата, на соседските национални пропаганди, спротивставувањето на брат против брат, со сите ужаси на она време. Ужаси за чие надминување се бореше МРО, потоа партизаните. Ужас за спас од којшто беше создадена Република Македонија, во која барем дел од Македонците најдоа мир и засолниште од националистичкото лудило на балканизмот. Колку лесно се заборава сето тоа и каква негрижа се пројавува против обидите ужасот да ни се врати. Нема сомнение дека опишаното сценарио е налудничаво, но исто така нема сомнение и дека имено кон тоа се стремат Софија и Атина – смрт на македонизмот, кој постулира дека Македонците се посебна нација, не Бугари, Срби или Грци. Крај на Македонците како нација. Тие наводно „не сакаат“ да ја урнат куќата, туку „само“ да ѝ ги уништат темелите и столбовите.

За 28 години македонската политичка и интелектуална елита не успеа да изработи против тоа никаква форма на национален консензус, национален или државен интерес, ниту пак некаква базирани врз нив стратегија. Нешто што да биде прифатено од сите политички субјекти и брането од сите без разлика дали се во позиција или опозиција. Пет прашања по кои никој да не спори, за кои никој да не преговара. Доследна и планска стратегија против националистичката агресија од надвор и од внатре.

Кога нема ниту свест за национален, за државен, ниту за каков било таму општ интерес, останува само оној – личниот. Тогаш јасно е дека ниту може да има општа стратегија, ниту општа одбрана на општи интереси. Само на лични. И логично е дека на крајот општите интереси ќе бидат поразени, а дека можеби ќе се реализираат само некои лични интереси. Народот, на кој се однесува општиот интерес, ќе изгуби – некои политичари ќе заработат. И токму тоа го гледаме. Софија и Атина си ги застапуваат упорно и бескомпромисно своите гротескни цели, издигнати во ниво на национален интерес. Македонската страна не одговара со свој интерес, ниту дава отпор на апсурдните и недолични претензии, туку демонстрира само постојана подготвеност да преговара за сѐ и со секого. Затоа нормално соседските небулози полека, чекор по чекор се претворија во нешто за кое сериозно се разговара, па преговара, а потоа и во услови за членство во ЕУ и НАТО.

28 години на очигледни и ескалирачки провокации без одговор. И само кога ќе ги присилеа македонските политичари „одговараа“ , но како – седнувајќи на преговори за нешто свое со некој туѓ. А меѓу секои два циркуси (пардон – циклуси) преговори – ништо, само инерција и лебдење по течението. Што стане. Ден да мине, друг да дојде...

Ништо не успеа да ги разбуди од оваа несвестица. Дури и настаните од последните две години. Ништо не ја крши оваа… апатија.

Ниту умот! Да се погрижиш за својот интерес. Ако изгубат своја држава, чии политичари би биле.

Ниту чувствата! Дури и да не мислиш, пак најелементарна солидарност и човештина би довела до тоа да се погрижиш за своите напатени сонародници во малцинствата и преку тоа би се заштитил всушност и самиот себе. Зашто тие се дел од твојата нација. Одделни странци во меѓународните институции покажаа во последните три децении повеќе грижа за македонските малцинства во Бугарија и Грција отколку македонската држава и сите нејзини политичари заедно.

Ниту инстинктот за самоодржување! И најпростата живина го има. Да се заштитиш од заканата против твоето постоење.

Ништо!

Политика во која нема ниту ум ниту срце. Се креира во стомакот, но нема тестиси… А нема како да има и иднина.

(Си мислам понекогаш дека можеби треба еден курс да се спроведе за македонските политичари. На Битпазар. За професор на почеток доста им е некое неписмено бајче со тезга пиперки. Да им објасни дека кога веќе си излегол на пазар, треба да знаеш што продаваш, а што – не, потоа ја одредуваш цената, потоа истата ја креваш максимално, а потоа се пазариш за да го добиеш најдоброто што можеш. Да има некој смисла што си таму. Ниту една етапа не предвидува пазарење за цената на продавачот или неговата фамилија. Никое пазарење не започнува со минимална цена. Никоја стратегија не може да предвидува симнати гаќи. Врткање по гол газ, со празен ум и без цел не е политика. Таква политика дури и име си нема уште…)

Ако македонската политичка класа не се разбуди, наскоро ќе биде сведена (поново) до територијален администратор на некоја влада во странство. Колку повеќе добра волја демонстрираат и попуштаат толку повеќе ќе им се множат и растат проблемите. Нашите проблеми!

Стојко Стојков

     
Main About Us News Activities Documents Photo Gallery Media Contact Links
1999-2019 OMO "Ilinden" - PIRIN, All Rights Reserved.
This website is under development by: TJ-Hosting