Интервју - Aко Бугарија сака доверба, нека ја заслужи

12 февруари, 2013

European Parliament Реагиравте на бришењето на Македонците од резолуцијата на Советот на Европа. Зошто по толку судски процеси и реакции во Стразбур, нема реален ефект околу вашиот статус како непризнато малцинство во Бугарија?

- Поради силниот отпор на државата и на голем дел од општеството, кои уште живеат со умот во времето на Тодор Живков. Национализмот во Бугарија е антимакедонски по својата суштина. Гледате дека не само ние како малцинство, но и Македонија како држава се соочува со слични апсурдни проблеми од страна на Бугарија.

Македонија е под притисок да ги реши несогласувањата со Бугарија, за да го избегне ветото за преговори со Унијата во јуни. Како го коментирате вие тоа и дали ваквиот нов однос на силите сега со Бугарија ја загрозува и вашата борба за права?

- Овие нешта се испреплетени бидејќи во основата е истиот бугарски националшовинизам, кој негира се' македонско. Јасно е дека овде има запалени глави кои си замислуваат дека можат некако да ја бугаризираат или барем демакедонизираат Македонија. Тие на никој начин нема да попуштат и во однос на нас – не оди да признаваш македонско малцинство кога ја негираш македонската нација.

Ако се следат бугарските амандмани на извештајот на Македонија во ЕП, испаѓа дека ние сме тие што вршиме дискриминација, а не обратно...

- Тоа е добро позната тактика кога крадецот вика држете го крадецот. Кој и колку е дискриминиран може лесно да се проследи преку објективни критериуми – пресудите во Судот за човекови права, извештаите на меѓународните институции и сл. А, таму се' е јасно – наспроти само една пресуда за нарушување на правата на Бугарите во Македонија, стојат девет за кршење на правата на Македонците во Бугарија. Додека нашето дискриминирање е присутно во скоро сите меѓународни извештаи, не ми е познато во некој од нив да е забележана репресија врз Бугарите во Македонија, надвор од случајот со одземената регистрација на „Радко“. Репресијата треба самата да се поучи како да ги почитува правата на малцинствата... и не само на македонското – сите имаат проблеми овде. И во споредба со македонските малцинства во Албанија и Грција ние сме во полоша положба: и непризнати, и нерегистрирани, и дискриминирани, и навредувани...

Која е разликата меѓу нерегистрирањето на „Радко“ и на ОМО „Илинден“ - Пирин? Зошто Софија гледа политичка репресија во првиот случај, а не гледа кај вас?

- Прво, голема е разликата меѓу двете структури. Додека ние се бориме за меѓународно гарантирани права, „радковци“ се борат против меѓународно гарантирани права. Ние се бориме за наше признавање и малцински права, додека тие не сакаат статус на малцинство, туку да ја негираат националната самосвест на мнозинството. Ние сме правозаштитна и демократска партија, додека тие се екстремистичко друштво. Сепак, не требаше нивното друштво да се забранува, без разлика што постојано продуцира говор на омраза и провокации. Тоа е дел од демократијата. Ако има разлика во однос на регистрацијата, таа е во тоа колку пати ние (а и не само ние, туку и низа други македонски организации во Бугарија) сме барале регистрација и сме добивале одбивање – десетици пати наспроти нивниот еден. И во начинот на кој се третирани нашите членови – заплашувани, викани во полиција и слично. Бугарија гледа репресија во случајот „Радко“ највеќе зашто има потреба од тоа. Бугарија има нужда некој да дискриминира Бугари во Македонија за да има изговор и оправдување за својата апсурдна антимакедонска политика. А кај нас не гледа репресија, зашто нели, нас не' нема и нема како луѓе што не постојат да се дискриминираат. Напротив, ние постојано слушаме дека иако не постоиме, сите права ни се почитуваат. Уште и да го видиме тоа во практика.

До каде се напорите на ОМО „Илинден“ - Пирин, сепак, официјално да добие статус на политичка партија?

- Моментално обидите се запрени. Во бугарскиот парламент на прво читање поминаа промените на Законот за политичките партии, кои го прават невозможно регистрирањето на малцинските партии. Ние реагиравме до сите меѓународни институции и, изгледа, имало ефект, бидејќи законот уште не помина на второ читање веќе шест месеци. Ќе причекаме да видиме каков ќе биде законот по промените и потоа ќе решаваме. Но, во исто време продолжуваат обидите да се регистрираат македонски организации, засега неуспешно.

Со какви притисоци се соочувате во моментов и со какви средства се борите за своите права?

- Продолжуваат да го негираат нашето постоење, да не ни даваат ниту едно од правата што им следуваат на малцинствата, властите одбиваат секаков дијалог и сме објект на говор на омраза. Антимакедонската хистерија во Бугарија, што трае веќе повеќе од година, исто лошо ги погодува Македонците во Бугарија. Ние се бориме на начини на кои можеме – се организираме, реагираме, гледаме нашето мислење да стигне до што поголем број луѓе, работиме со меѓународните организации...

Колкава е реалната гласачка моќ на македонското малцинство во Бугарија?

- За жал, нема како да го знаеме тоа, не ни даваат регистрација. Кога една година имавме регистрација, без никакви пари и искуство, бојкотирани и спречувани на секаков начин, успеавме да избереме тројца кметови и уште толку советници, а бевме на чекор во уште пет-шест места да го постигнеме истото. Мислам дека овој неочекуван успех во невозможни услови е причина да бидеме забранети и повеќе да не бидеме регистрирани. Да бевме слаби, ќе не' регистрираа, имено за да се покаже дека сме слаби. Стравот дека регистрацијата ќе го разбие митот за непостоење или малубројност на македонското малцинство е сосема очигледен.

Сте размислувале ли за организирање паралелен попис, како што најавуваат Македонците во Албанија?

- Да. Но, сега не сме подготвени за тоа. Неопходна е сериозна подготовка, а силно присутен е и стравот кај многу Македонци во Бугарија, а тоа е сериозна пречка.

Неделава се одржа дебата во Скопје за македонско-бугарските односи на која беше заклучено дека тие се заробени од националистички и поранешни разузнавачки структури. Каков е вашиот впечаток? Омекнува ли бугарското општество кон македонското прашање или се радикализира?

- Бугарското општество се радикализира. Или, поточно, вештачки го радикализираат. Во тоа клучна улога имаат поранешните тоталитарни структури, агентури и нивните сателити.

Гледате ли вие личности и настани што Бугарија и Македонија би можеле да ги слават заеднички?

- Доколку Бугарија престане да ги негира македонската нација, јазик и малцинство, нема нешто што не би можеле да му одадеме почит заеднички. Како и со секој друг на Балканот! Но додека Бугарија води отворена негаторска политика, тоа е невозможно. Бугарија, всушност, не сака заедничко славење, туку да не' присили да се негираме самите себеси како што таа нас не' негира, да и' се придружиме во негацијата.

Кој е виновен за сегашното ниво на лоши односи меѓу двете држави - историчарите или политичарите?

- Политичарите. Чувствувате ли некаква промена откако Бугарија стана членка на ЕУ? Се гледаат ли европски вредности или стандарди повеќе отколку досега?

- Многу малку се чувствува промената. Кандидат-членката Бугарија беше потолерантна отколку европската земја Бугарија, бидејќи тогаш требаше да исполнува критериуми, а сега – не.

Бугарски политичари се повикуваат на бројот на издадени бугарски пасоши на наши граѓани за да бараат впишување на бугарско малцинство во Уставот. Како го коментирате тоа, и реална ли е опасноста попрво ние да признаеме бугарско малцинство отколку да ве признаат вас?

- Пасошот нема ништо општо со самосвеста – тие луѓе имаат две државјанства, и македонско исто, не само бугарско – зошто тогаш ги третираат како Бугари? Сите знаеме дека бугарските државјанства се земаат речиси исклучиво поради економски причини. Бугарија не може да бара и условува што да има во македонскиот Устав – тоа е мешање во внатрешните работи на суверена држава. Ако има бугарско малцинство во Македонија, тоа нека си се избори за своите права и да биде запишано во Уставот – да регистрираат партија, да учествуваат во избори, да влезат во парламентот, владата и така натаму.

Се гледа ли присуство на Македонците со бугарски пасоши во јавниот живот на Бугарија?

- Нема никакво присуство или учество на Македонци со бугарски пасоши во бугарскиот политички живот, ниту дури и како гласачи. Тоа е нормално – скоро сите што зедоа такви пасоши заминаа надвор од Балканот – токму и затоа ги зедоа. Што се однесува до признавање на едното малцинство пред другото, сметам дека Бугарија докажа дека не може да и' се верува, дека кај неа нема добра волја. Така што, не треба да и' се прават никакви попусти доколу и таа не ги направи истите. Двете малцинства треба да се признаат истовремено. Ако сака Бугарија доверба, време е да си ја заслужи. Македонија и' даде безусловна поддршка за во ЕУ, а одвај влезена Бугарија почна да ја условува Македонија. Не верувам дека некој македонски политичар веќе ќе биде толку глуп како Љупчо Георгиевски за да ја повтори истата грешка. Тоа е главното „достигнување“ на бугарската политика спрема Македонија – недовербата. А, ако продолжи како досега, ќе додаде и омраза.


Back to previous page Back to top
Main About Us News Activities Documents Photo Gallery Media Contact Links
� 1999-2021 OMO "Ilinden" - PIRIN, All Rights Reserved.