Во името на здруженијата организатори на семакедонскиот собир и на сите собрани Македонци од сите краеви на Македонија и Бугарија ја изразуваме својата згрозеност и протест против:
- Државната политика на дискриминација и асимилирање на македонското малцинство во Бугарија,
- Негирањето на македонската нација и идентитет и обидите за присвојување на македонската историја, јазик и култура од страна на бугарската држава,
- Активностите на бугарските институции насочени против македонските културни клубови во Бугарија,
- Политиката на настрвување на бугарските граѓани против Македонија и Македонците и против македонското малцинство во Бугарија,
- Блокирањето на евроинтеграцијата на Р. Македонија,
- Влошувањето на односите меѓу двете држави и нации како последица на антимакедонската политика што ја води бугарската држава,
- Изјавите на претседателот Радев и на други бугарски политичари и државници против македонската нација и држава кои се на граница на фашизам.
Ние повикуваме:
бугарската држава да почне да се однесува во согласност со правото, науката и вистината, и да ја прифати реалноста на македонската нација, малцинство, јазик, историја и идентитет, да стави крај на политиката на присвојување, асимилација и дискриминација што се врши против македонската нација, и против македонското малцинство на нејзината територија.
македонската држава и политичари да почнат активно да се грижат за македонското малцинство во Бугарија и да ги заштитат македонскиот идентитет, историја и култура.
да се наложи реципроцитет во правата на македонското малцинство во Бугарија и на бугарското малцинство во Македонија.
европските институции да и помогнат на Бугарија да се ослободи од нејзините дискриминаторски антимакедонски практики.
Македонците низ светот да се кренат на активна борба за заштита на македонскиот идентитет - се наоѓаме во историски миг.
сите Македонци во Бугарија - да го оставиме времето на страв во минатото и храбро да се бориме за своите права и достоинство.
Македонците во Бугарија не се опасност за никого, напротив, ние придонесуваме кон економскиот, културен и општествен просперитет на земјата и како достојни нејзини граѓани настојуваме да се почитува нашето достоинство како луѓе, Македонци и граѓани.
ОМО „Илинден“ - ПИРИН,
ОМО „Илинден“,
Македонско меѓународно движење за човекови права,
Здружението на репресирани Македонци во Бугарија,
Антички Македонци,
Здружението за заштита на основните човекови права,
Македонски клуб за етничка толерантност,
Граѓанската иницијатива за признавање на македонското национално малцинство во Бугарија,
Комитет за заштита на правото Толерантност